Посетата на високиот американски претставник Габриел Ескобар ,претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја нарече булдожер дипломатија, што е сосема логично дека на шефот на опозицијата му е јасно во која насока ќе се одвиваат разговорите на неговата утрешна средба со Ескобар иако посетата ја оцени како и секоја друга. Посетата на американскиот дипломат доаѓа по една недела од седницата за уставните измени и само два дена откако Мицкоски изјави дека светот правел планови како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ. Од прес службата на Стејт департментот изјавија дека заменик помошникот државен секретар на САД Ескобар се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери.
„Ескобар патува во Северна Македонија за да разговара за билатерални и регионални прашања и да продолжи да го зајакнува нашето партнерство со ценет НАТО сојузник. Тој се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета, особено поврзани со идната интеграција во ЕУ и долгорочниот просперитет на Западен Балкан“, велат од Стејт Департмент.
Премиерот Ковачевски кој утре ќе има средба со Ескобар, вели дека е изненаден од односот на Мицкоски и дека сега е време да се донесат одлуките за уставните измени а не дека се работи за некакви завери против него. Изјавите дека постои некаква светска завера не оди во прилог на никому туку само на оној што тоа го кажува, рече Ковачевски, алудирајќи на претходните изјави на Мицкоски.
„Ставот мене ме зачудува. Јас имав едно интервју на една од националните телевизии на крајот на минатата недела кога кажав дека тоа што го слушам од сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ многу ме потсетува на 11-те години на претходниот претседател, а тоа е дека постои некоја светска завера против нас. Сега е време да се донесат одлуките, за тие одлуки имаме поддршка, поддршка имаме а не завера од страна и на Европската унија и особено од страна на Соединетите Американски Држави и во таа насока е посетата на официјалниот висок претставник на Соединетите Американски Држави Габриел Ескобар“, вели Димитар Ковачевски.
Но секако дека, за европската интеграција, која зависи од уставните измени, очекувањата на јавноста е што ќе произлезе од разговорите на Ескобар кои ќе ги има со Мицкоски на оваа тема. Мицкоски и денеска со став дека власта ја притиска меѓународната заедница за да прави тортура врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Секој што доаѓа во Македонија да има добра намера и очекуваме нивните аргументи да ги слушнеме а исто така очекуваме да бидат слушнати и нашите аргументи, рече Мицкоски.
„Сега тие што прават, одат коленичат по светот и меѓународната заедница ја молат да доаѓа овде во Македонија и ја притискаат да прави тортури и притисоци врз ВМРО-ДПМНЕ, а преку ВМРО-ДПМНЕ и врз огромното мнозинство граѓани во Македонија. Но навистина можам да ги разочарам дека такво нешто нема да успее. Тоа беше јасно уште на 18 август кога се гласаше дневниот ред во парламентот“, вели Христијан Мицкоски.
Средбата на Ескобар со премиерот Ковачевски и претседателот на ВМРОДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе се одржи утре, а денеска со Пендаровски.
