Вистинска драма се случила на натпреварот меѓу Тенерифе и Андора во 12. коло од втората шпанска фудбалска лига, откако домашниот фудбалер Хесус де Мигел (30) останал без свест по тежок судир со противничкиот голман. Според шпанските медиуми, фудбалерот доживеал срцев застој, поради што лекарските екипи морале да го реанимираат на теренот.
Инцидентот се случил во 97. минута, при резултат 2:2, кога Де Мигел тргнал кон противничкиот гол. Голманот на Андора, Хесус Овоно, истрчал надвор од шеснаесетникот во обид да го запре нападот, но при интервенцијата силно го удрил противничкиот фудбалер со колено.
Де Мигел веднаш паднал на тревникот и останал неподвижен, по што следувале вознемирувачки сцени. Фудбалерите на двата тима панично повикувале медицинска помош, а дел од нив не можеле да ги задржат солзите.
Голманот Овоно добил директен црвен картон, додека медицинските екипи околу десет минути му укажувале помош на повредениот фудбалер.
Според шпанскиот медиум „Диарио де Ависос“, кој се повикува на радиостаницата „Кадена КОПЕ“, по силниот удар кај Де Мигел настапил срцев застој. Лекарите веднаш започнале реанимација и успеале да му го вратат пулсот.
По стабилизирањето, фудбалерот почнал самостојно да дише, но првично останал без свест. Со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Универзитетската болница „Нуестра Сењора де Канделарија“.
Според подоцнежните информации што ги пренесе Ројтерс, повикувајќи се на шпанските медиуми, Де Мигел повторно се освестил.
Поради сериозноста на инцидентот, главниот судија, по консултација со претставниците на двата клуба, донел одлука натпреварот да биде прекинат.
Триесетгодишниот напаѓач минатата сезона бил еден од значајните фудбалери на Тенерифе, додека сезонава имал ограничена минутажа поради повреда на препоните.
