Стопанската комора со план за економски развој на Зелениково и Чучер-Сандево – се најавуваат нови инвестиции и туристички проекти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Стопанската комора на Северна Македонија ќе им обезбеди поддршка на општините Зелениково и Чучер-Сандево за поттикнување на локалниот економски развој, подобрување на деловната клима и искористување на европските фондови. Меѓу приоритетите се развојот на руралниот и алтернативниот туризам, унапредувањето на инфраструктурата и формирањето заедничка бизнис-заедница.

Ова беше најавено по работната средба на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, со градоначалниците Зоран Бајовски и Коста Маневски, директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, и државниот советник во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Драганчо Апостоловски.

Според Азески, целта е двете општини да прераснат во пилот-проекти, чии успешни практики подоцна би можеле да се применат и во други помали општини кои располагаат со ограничени развојни капацитети.

„Сакаме да формираме заедничка бизнис-заедница за двете општини. Ќе се фокусираме на проекти за подобрување на инфраструктурата, соработка со европските институции, Фондот за иновации и невладиниот сектор, со цел побрзо зајакнување на локалните економски капацитети“, истакна Азески.

Во Чучер-Сандево досега се идентификувани околу 90 компании, додека во Зелениково допрва ќе се спроведе мапирање на деловните субјекти. Планот е компаниите од двете општини да се вклучат во активностите на Скопската стопанска комора.

Посебен акцент ќе биде ставен на туристичкиот потенцијал на Скопска Црна Гора, која се наоѓа на околу 15 километри од центарот на Скопје. Се разгледуваат можности за развој на алтернативен туризам, со што би се збогатила туристичката понуда во регионот.

Во Зелениково, пак, се разгледуваат проекти за локален економски развој, а како една од потенцијалните инвестиции се споменува и изградба на филмски град, за кој, според Азески, постои соодветна локација.

Стопанската комора најавува и активности за полесен пристап до европските фондови, поддршка за иновативни бизнис-решенија и подобра поврзаност меѓу локалните власти и приватниот сектор.

Првите активности поврзани со европското финансирање се најавени за 24 ноември во Охрид, додека на 13 ноември е предвидена посета на Општина Зелениково.

Азески изрази очекување дека најмалку две до три иницијативи ќе започнат со реализација до крајот на годинава, а првите позначајни резултати ќе бидат видливи до крајот на 2027 година.