Ова видео на кое се гледа како тетовец е нападнат од кучиња скитници, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами го нарече тенденциозно и невистинито.
-Пласирање тенденциозни информации, создавање невистинита слика која резултира со конфузија во јавноста. Таков е случајот од пред неколку дена каде во видео на кое не може да се види јасно каде лицето било нападнато од кучиња, намерно ги испровоцирало или навистина се нашло во тешка ситуација-рече Касами.
Според Касами, проблемот со кучињата скитници е проблем на државно ниво. Вели дека во Тетово се носат кучиња од други градови.
-Тоа е одговорност на државните институции, одговорност на полицијата за однесувањето на возилата и нивната контрола – дали и што пренесуваат. Имаме основани и пријавени сомнежи од граѓани дека ноќе на периферијата на градот се носат кучиња во возила со регистарски таблички на Куманово, Скопје и други градови. Ги носат тука во Тетово-изјави Касами.
Риниса Реџепи од здружението „Амос Пет“ прифати дека немаат прифатилиште и дека кучињата скитници кога ќе се заловат најпрвин се носат во дом-прифатилиште, кај приватни лица во земјава, додека не им се најде соодветно засолниште вон државата.
-Како прифатилиште не треба да бидеме регистрирани и никаде не сме кажале дека сме здружение за заштита на животните. Ги испраќаме кучињата во згрижувачки домови или во привремени домови каде се чуваат, каде можат да се рехабилитираат или вон нашата држава“.
Но, ниту Касами, а ниту здружението „Амос Пет“ досега не одговорија на прашањето – кои лекари ги третираат бездомните кучиња.
