Ана Стојаноска ја претставуваше Македонија на Детската Евровизија – освои 57 поени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со освоени 57 поени, македонската претставничка Ана Стојаноска го заврши настапот на Детската Евровизија на 16. место. Младата пејачка од Струга настапи со песната „Идната јас“ на 24 октомври во Та’ Кали, Малта, каде што на натпреварот учествуваа претставници на 16 земји.

Од вкупниот број поени, Стојаноска доби шест од националните стручни жирија и 51 од публиката.

Победата на 24. издание на Детската Евровизија ѝ припадна на 13-годишната Наре од Ерменија, која со песната „Бу!“ освои 202 поени. За Ерменија ова е трета победа на музичкиот натпревар, по триумфите во 2010 и 2021 година.

Второто место го освои Шпанија со 184 поени, додека Франција заврши на третата позиција со 165 поени.

Македонската претставничка настапи под реден број 12. Песната „Идната јас“ ја носи пораката за соништата, растењето и откривањето на сопствениот идентитет. Музиката е дело на Никола Мицевски, а текстот го напиша Илчо Нечовски од групата „Дупер“.

За конечниот пласман одлучуваа националните жирија и публиката, чии гласови имаа еднаков удел од по 50 проценти во вкупниот резултат.