Агенцијата за национална безбедност, во соработка со МВР и Обвинителството, спроведе истрага за пропагандна мрежа која, според Агенцијата, дејствува во функција на руските интереси.
Пред две недели бил претресен домот на државјанин на Македонија, чиј идентитет не е објавен, а биле запленети опрема и материјали кои се предмет на вештачење.
„Вистинските актери на оваа пропагандна мрежа која е во функција на руските интереси, се кријат преку клонирани псевдо-портали регистрирани со македонски интернет домен. Преку овие псевдо-портали се шират лажни вести, дезинформации и се врши преобликување на наративи за актуелни настани, со што се поткопува довербата во институциите и се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост.“, порачаа од АНБ.
Агенцијата порача дека ќе продолжи со откривањето и спречувањето на пропагандистичките активности кои ги поткопуваат евроинтегративните процеси на земјата.
„Агенцијата во рамки на своите надлежности ќе продолжи да презема активности во насока на детектирање и спречување на субверзивно-пропагандни активности преку мрежа на портали надоврзани на регионални проруски политички структури, со кои директно се поткопуваат стратешките евро-интегративни процеси на земјава.“, велат од АНБ.
Медиумите во Македонија и претходно известуваа за медиумски мрежи и комуникациски канали осомничени за странско влијание, додека АНБ истражувала случаи кои ги поврзува со пропагандистички активности и ширење содржини кои поттикнуваат меѓуетнички тензии. Сега, за првпат, АНБ јавно обелодени информации за мрежи на портали поврзани со проруските регионални структури, додека различни истражувања ја документираат присутноста на руската дигитална инфраструктура во земјата.
