Ангелов: Бугарија не може да ги промени своите позиции, затоа што има декларација на Парламентот и одлука на Влада

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарија не може да ги промени своите позиции затоа што има декларација на Парламентот и одлука на Влада. Тоа што се говори внатре во ЕУ е проблем на Унијата и тоа е проблем на Брисел, а не наш проблем тука.

Ова го изјави бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов, одговарајќи на новинарско прашање  по работниот појадок во МНР организиран во рамки на македонско – бугарското претседавање со Берлинскиот процес за тоа дали Софија ќе ги промени позициите по однос на преговарачката рамка за С Македонија содржани во објаснувачкиот меморандум во кој се оспоруваат меѓу другото македонскиот јазик и нација, а која денеска е на дневен ред на КОРЕПЕР – Комиетот на постојани претставници во Брисел.

Запарашан дали е извесно бугарско вето за првата меѓувладина конференција  до крајот на годинава доколку историчарите на двете земји во Мешовитата комисија не успеат да постигнат договор по отворените прашања, бугарскиот амбасадор го избегна прашањето посочувајќи дека денешната средба е фокусирана на Берлинскиот процес.

-Ние сега сме фокусирани да го завршиме Берлинскиот процес и да и покажеме на цела Европа дека можеме заеднички да завршиме нешто успешно, вели бугарскиот амбасадор.