Голем енергетски проект во источниот дел на Македонија влегува во реализација, откако „Алказар Енерџи“ ја затвори финансиската конструкција за првата фаза од ветерниот парк што се протега на територијата на Штип, Радовиш и Карбинци.
Првата фаза од инвестицијата е вредна 180 милиони евра и предвидува изградба на капацитет од 131 мегават, со поставување 21 ветерна турбина. Финансирањето е обезбедено преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), Ерсте банка и Шпаркасе банка.
Целокупниот проект ќе се реализира во три фази, а по неговото завршување ветерниот парк треба да достигне инсталиран капацитет од 396 мегавати со вкупно 54 ветерни турбини.
Премиерот Христијан Мицкоски при посетата на проектот во Штип изјави дека вкупната вредност на инвестицијата, кога ќе биде целосно реализирана, ќе достигне околу половина милијарда долари.
„Отпочнуваме инвестиција којашто на крајот кога ќе биде целосно реализирана ќе вреди околу половина милијарда долари. Но она коешто мене дополнително ме охрабрува е фактот што од инвеститорот слушнав дека тука не почнуваат и не завршуваат нивните планови за инвестирање во Македонија, туку напротив, тие имаат и други планови“, рече Мицкоски.
Според најавите, целосно реализираниот ветерен парк ќе може да произведува електрична енергија за околу 148.000 домаќинства. Во текот на реализацијата на проектот се очекува да бидат отворени речиси 300 работни места.
Проектот предвидува и изградба на нова патна инфраструктура во општините низ кои ќе се протега ветерниот парк.
Мицкоски посочи дека очекуваното годишно производство би изнесувало околу еден терават-час електрична енергија од обновливи извори, односно приближно еден милион мегават-часови.
Премиерот најави дека Владата ќе продолжи да ги поддржува гринфилд инвестициите во енергетскиот сектор, додека од „Алказар Енерџи“ бил најавен интерес за реализација и на други инвестиции во земјава.
