Ѓорѓиевски: Повторно ја пуштаме во функција подната фонтана на плоштадот „Македонија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Подната фонтана на плоштадот „Македонија“ во Скопје е пуштена во пробна работа, а во тек се проверки и технички нагодувања пред нејзиното целосно функционирање. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека паралелно продолжуваат и редовните акции за темелно чистење на плоштадот.

Според Ѓорѓиевски, по години запоставеност, целта е фонтаната повторно да стане место за детска радост, дружење и создавање спомени, како и еден од препознатливите симболи на главниот град.

Тој посочува дека плоштадот „Македонија“ и Камениот мост се значајни обележја на Скопје и дека нивното одржување и зачувување претставува одговорност кон граѓаните.

Градоначалникот најави и дека просторот на подната фонтана во иднина нема да се користи за движење на автомобили и тешки товарни возила.

„Плоштадот им припаѓа на граѓаните и така ќе остане“, порача Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека чистењето и одржувањето нема да бидат еднократна акција, туку континуирана обврска, со цел централниот градски простор да остане уреден и функционален.