ЕУ се соочува со растечки долг од 739 милијарди евра, сè уште нема договор за отплатата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската унија се соочува со растечки финансиски притисок поради долгот натрупан за време на пандемијата, а неизвесноста околу неговата отплата може да ги ограничи идните буџети и инвестиции на Унијата. Претседателот на Европскиот суд на ревизори, Тони Марфи, предупредува дека без договор за нови извори на приходи, земјите-членки би можеле да се соочат со тешки буџетски одлуки.

Според годишниот извештај на Европскиот суд на ревизори за 2025 година, вкупниот долг на ЕУ на крајот на минатата година достигнал 738,9 милијарди евра, што е зголемување од околу 23 проценти во однос на 2024 година. Доколку продолжи задолжувањето, до крајот на 2027 година долгот би можел да достигне еден билион евра.

Најголем дел од финансискиот товар произлегува од инструментите воспоставени за економско закрепнување по пандемијата. Ревизорите проценуваат дека трошоците за камати поврзани со грантовите од овој механизам би можеле да достигнат до 93 милијарди евра во периодот од 2028 до 2034 година.

И покрај тоа што според постојната рамка долгот треба да се отплаќа во период од 30 години, односно до 2058 година, сè уште нема конечен договор за тоа како ќе се обезбедат средствата за негово сервисирање. Дел од владите, според извештајот, предлагаат и репрограмирање на долгот.

Кога во 2020 година беше договорено заедничкото задолжување, Европската комисија предложи отплатата да се финансира преку нови сопствени извори на приходи, меѓу кои и намет за мултинационалните компании што работат во ЕУ. Сепак, договор за конкретниот модел сè уште нема.

Марфи предупредува дека ситуацијата создава сè поголем притисок врз европските јавни финансии, опишувајќи ја како „експрес лонец“. Според него, самиот долг не мора да биде проблем доколку е одржлив и постои јасен и предвидлив извор на средства за негово враќање.

Дополнителен товар би можеле да создадат и идните буџетски планови на Европската комисија, кои предвидуваат ново задолжување за поддршка на Украина, спроведување национални планови на земјите-членки и евентуални интервенции во случај на сериозни кризи.

Според извештајот, заемите за Украина одобрени или договорени од 2014 година наваму достигнале до 170,1 милијарда евра. Во оваа сума е вклучен и заемот за поддршка од 90 милијарди евра, одобрен на почетокот на 2026 година. До крајот на 2025 година биле исплатени 70,3 милијарди евра.

Ревизорите предупредуваат и на проблеми со трошењето

Покрај прашањето за долгот, Европскиот суд на ревизори укажува и на притисокот врз администрацијата да обработи и исплати големи суми во кратки рокови. Марфи предупредил дека Европската комисија до крајот на декември треба да обработи и исплати околу 90 милијарди евра, што би можело да создаде ризик од олеснување на правилата за финансирање и отчетност за да се испочитуваат роковите.

Во извештајот за 2025 година, ревизорите дале условно мислење за расходите од Механизмот за закрепнување и отпорност. Тоа укажува на утврдени проблеми кои, според оценката, не се широко распространети. Меѓу забелешките е и тоа што на некои земји-членки им било дозволено да ги намалат амбициозноста или обемот на преземените обврски во националните планови без доволно убедливи причини и докази.

Кај редовните расходи на буџетот на ЕУ, ревизорите повторно утврдиле значајни и широко распространети грешки, поради што седма година по ред изразиле неповолно мислење.

Највисоки стапки на грешка биле регистрирани кај расходите за кохезија, земјоделство и животна средина. Кај кохезиските расходи стапката пораснала од 5,7 проценти во 2024 година на 6,6 проценти во 2025 година, додека кај земјоделството и животната средина се зголемила од 2,6 на 3,9 проценти.

Меѓу најчестите неправилности се финансирањето неподобни проекти и трошоци, како и непочитувањето на правилата за јавни набавки.

Ревизорите предупредуваат дека без стабилен и договорен модел за отплата, заедничкиот долг ќе продолжи да биде едно од главните фискални прашања за ЕУ во наредните години. Од решението ќе зависат идните буџети, трошоците за камати, можностите за нови инвестиции и финансискиот товар што ќе го преземат земјите-членки.