Ангеловска: Ребаланс за опоравување и рестарт на економијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ребалансот на Буџетот за 2020 година што Владата го донесе вчера на седница е ребаланс за опоравување и рестар на економијата во услови на Ковид-19, оцени министерката за финансии Нина Ангеловска, која заедно со заменик-министерката за финансии Ширет Елези ги претставија измените и дополнувањата на прес-конференција.

– На краток рок, потребни се брзи акции. Потребно е да го фатиме моментот на опоравување и максимално да го искористиме – за да извадиме најдобри можни резултати, кои ќе ги амортизираат донекаде шоковите од здравствената криза, која не погоди во вториот квартал годинава. Мерките и активностите што ќе се преземаат ќе бидат катализатор, забрзувач на процесите во периодот на опоравување, кој треба да започне во третото тримесечје, а да се интензивира во четвртото тримесечје. Тоа е фокусот на овој ребаланс. Ребаланс за опоравување и рестарт на економијата во услови на Ковид-19, рече Ангеловска.

Според неа, целта со ребалансот, кој произлегува од антиципираните движења и извршените надолни корекции на БДП, е реално да се прикажат очекувањата како резултат на здравствениот и економски шок предизвикан од Ковид-19.

Со предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2020 година вкупните приходи  се планирани на ниво од 196,8 милијарди денари (3,2 милијарди евра) и истите се помали за 11,5 отсто или за 25,5 милијарди денари (414,6 милиони евра) во однос на планот. Министерката оцени дека проекциите се реалистични и дека во проекцијата оделе далеку поконзервативно и се воделе по основ на сите показатели и реализација што ја има во април и врз основа на предвидувањата за вториот, третиот и четвртиот квартал.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 242,9 милијарди денари или 3,95 милијарди евра што е за 1,4 отсто повеќе, односно за 3,3 милијарди денари  или 53,7 милиони евра се повисоки во однос на иницијалниот буџет за 2020 година.

Врз основа на планираните приходи и расходи, министерката рече дека дефицитот е позициониран на 6,8 отсто од БДП или во апсолутен износ од околу750 милиони евра и што е во линија на проекциите на Европската комисија

Како што појасни даочните приходи учествуваат со 55,4 отсто и се планирани на ниво од 109 милијарди денари или 16,2 отсто (односно 21,1 милијарда) намалување во однос на првичните проекции за 2020 година. Придонесите кои учествуваат со 33 отсто во вкупните приходи како изворни приходи на фондовите се планирани во износ од 63,4 милијарди денари или за 5,4 отсто пониско во однос на планот за 2020 година или 3,6 милијарди пониско во апсолутен износ. Останатите приходи како неданочни, капитални и странски донации се планирани на ниво од 25 милијарди денари или за 3 отсто пониско во однос на иницијалните проекции.

Таа додаде дека се предвидени 82 милиони евра за Ковид-19 кризата.