Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека постојат сериозни сомнежи за политичко влијание врз истрагата за случајот „Мазут“, вреден 167 милиони евра, посочувајќи ја обвинителката Коларевиќ и шефот на Обвинителството за организиран криминал, Ислам Абази.
На прес-конференција, Милошоски изнесе детали за, како што рече, блискоста на обвинителката Коларевиќ со СДСМ и ДУИ , наведувајќи дека нејзините родители биле избрани на високи функции од влади предводени од СДСМ и ДУИ.
„Дали Коларевиќ, поради свои интереси и насоки од Абази, кои доаѓаат од Ахмети, Заев и Филипче, ја сопре постапката за случајот ‘Мазут’ вреден 167 милиони евра?“, праша Милошоски.
Тој обвини дека наместо економско вештачење, во предметот биле користени искази од лица кои, според него, не биле ниту одговорни ниту компетентни да утврдуваат евентуална штета во работењето на ТЕЦ Неготино. Милошоски оцени дека со прекинувањето на истрагата се нарушува владеењето на правото и побара Советот на јавни обвинители да го испита работењето на обвинителите Абази и Коларевиќ.
