Апелациониот суд Скопје донесе одлука со која ги потврди најстрогите казни за четворицата обвинети во случајот „Убиството на Вања и Панче“, но отвори нова постапка во делот кој се однесува на Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања.
Судот ги одбил како неосновани жалбите на Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боро Видевски и Влатко Кешишев, со што остануваат во сила доживотните затворски казни изречени од Основниот кривичен суд Скопје.
Четворицата обвинети беа прогласени за виновни за грабнувањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, за што беа осудени на казна доживотен затвор.
Во исто време, Апелациониот суд ја уважил жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје и го укинал ослободителниот дел од првостепената пресуда за Александар Ѓорчевски. Предметот во овој дел е вратен во Основниот кривичен суд Скопје на повторно судење и одлучување.
Ѓорчевски претходно беше ослободен од обвинението за помагање при грабнувањето на неговата ќерка.
Од Апелациониот суд информираат дека поради обемниот доказен материјал и сложеноста на предметот, во тек е изработката на писмената одлука, која по завршувањето ќе биде објавена на официјалната интернет-страница на судот.
