Апостоловски: Во моментов се спроведува процес на промена на водата во базенот „Карпош” во склоп на СЦ „Борис Трајковски”

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Директорот на СЦ Борис Трајковски, Данијел Апостоловски денеска на својот Фејсбук профил информира дека по 20 месеци непрекината работа на пливачкиот базен со спортските клубови и рекреативците кои членуваат, во моментов се спроведува процес на промена на водата во базенот „Карпош” во склоп на СЦ „Борис Трајковски”, сѐ со цел да обезбедиме квалитетни услови за сите посетители и корисници.

Како што вели, одлучиле целиот зафат да се изврши во текот на летниот период, бидејќи најголем дел од клубовите и рекреативците ги користат годишните одмори, со што нема да се причини голема загуба во однос на тренинзите и натпреварите.

„Базенот „Карпош” е единствениот пливачки базен кој нуди беспрекорно чиста вода којашто е хемиски и бактериолошки исправна за капење, а за тоа покрај службите на СЦ „Борис Трајковски”, заслужни се и надлежните од Центарот за јавно здравје, коишто се задолжени за целосно испитување на параметрите во водата.

Изминатите денови работевме на темелно прочистување на филтерските станици кои се од витално значење за обезбедување квалитетна и чиста вода, темелно чистење на коритата на базените, темелно чистење на помошните простории, соблекувалните, машинските простории и просториите на службата за спасување. Променета е и пумпата којашто е од круцијално значење во однос на безбедноста при полнењето и празнењето на базенот.

Спроведуваме и реконструкција на дел од трибината, односно ги заменуваме постоечките метални профили каде што се фиксирани столчињата, се со цел да обезбедиме сигурност при користење на трибината и избегнување на несакани случки.

Во текот на наредните денови ќе продолжиме со низа активности, кои што ќе бидат во делот на оспособувањето на голем дел од реквизитите и просториите во базенот, што ќе придонесе за подобро функционирање и задоволни посетители.

Дополнително ќе бидете известени за датумот и отпочнувањето со работа на базенот“, вели Апостоловски.