Арбен Таравари ја доби довербата од делегатите на Алијансата за Албанците да ја води партијата во наредните четири години.
Пред да го започне својот говор како нов челник на партијата, Таравари доби подарок.
-Честитки, претседателе. Од Алијанса за Албанците имаме подарок за вас. Станува збор за делата на Арбен Џафери „Продолжуваме напред“.
Тој пред присутните вети дека ќе биде гласот, разумот и упорноста на сите.
-Наша цел ќе биде постојана модернизација на нашата партија и носење на долгоочекуваната промена кај албанскиот политички фактор во Македонија. Очите на оваа партија мора и секогаш ќе гледаат кон Запад како апсолутен сојузник на демократијата и човековите слободи-рече Таравари.
Таравари пред новинарите раскажа за плановите за партиските органи:
-Речиси 50% од раководството ќе бидат млади луѓе. Сега ќе имаме и претседателски кабинет, исто така и тело кое ќе биде советодавец на претседателот на партијата. Во раководството сега за сега планирам да одам со 5 потпретседатели, генерален секретар и организациски секретар, додека за бројот на членовите на централното раководство сѐ уште немаме разговарано-изјави Таравари.
Таравари вели дека е среќен што ќе биде наследник на Зијадин Села. За него вели дека верува оти ќе биде следниот претседател на Собранието на АА, а не почесен претседател, бидејќи како што додава, овој статус му се чини истрошено и бидејќи смета дека Села треба да продолжи да биде активен во партијата. За време на својот говор на Конгресот, екс-претседател Села истакна дека АА никогаш не била партија на поединец.
-Политичките партии не можат да бидат сопственост на поединец. Јас сум денеска тука со најголемата гордост да кажам дека си го исполнив зборот, како што исполнив и многу други досега. АА никогаш не му припаѓаше на Зијадин Села и нема да му припаѓа на никој друг, освен на Албанците-рече Села.
На овој трет вонреден Конгрес на АА присуствуваа и претставници од дипломатскиот кор, како и од ДУИ, Движење Беса, Алтернатива, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Партијата на Турците, но дојдоа и претставници од Косово и Прешевската долина.
Иако Зијадин Села за прв човек на АА беше реизбран на 27 март 2022 година, тој на 21 август, поради лошите резултати на вонредните избори за Советот на општина Тетово, поднесе неотповиклива оставка од претседателската функција.
