Арбреша Реџепи излезе од карантин, ќе биде на отворањето на ОИ во Токио

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Арбреша Реџепи ќе биде дел од церемонијата на свеченото отварање на Летните олимписки игри во Токио. Џудистката беше упатена во 24-часовен карантин, поради контакт со лице позитивно на Ковид-19 на аеродромот во Франкфурт, при патувањето на македонската експедиција во Токио.

Реџепи ќе биде знаменосец заедно со Дејан Георгиевски.

„Во последен момент, по интервенција на Канцеларијата на МОК, сепак Арбреша Реџепи ќе може да присуствува на вечерашното отварање на ОИ и ќе го носи македонското знаме на церемонијата на отварање игрите. Арбреша Реџепи, со одлука на ИОК/Организациониот комитет ТОКИО 2020, не е повеќе под надзор заради близок контакт со заразен од КОВИД-19 и таа ќе ја има честа да биде прва спортистка, Олимпијка која ќе го носи македонското знаме на отварањето на летните Олимписки игри!“, стои во соопштението од МОК.

Церемонијата на свеченото отворање на игрите е со почеток во 13 часот, а Реџепи својот настап на игрите ќе го има на 25. јули.