Претседателот на САД, Доналд Трамп ќе ја одбележи 25-годишнината од нападите на 11 септември со присуство на церемонија во Пентагон, во чест на животите загубени кога припадниците на терористичката организација Ал Каеда киднапираа авиони и убија речиси 3.000 луѓе на три локации, што доведе до пресврт во американската надворешна политика и националната безбедност, извести Асошиејтед прес.
Ова е втора година по ред како Трамп го одбележува денот во Пентагон. Претседателот, кој потекнува од Њујорк, последен пат присуствуваше на церемонијата на „Граунд зиро“ (местото на урнатите кули) во 2024 година.
Потпретседателот Џеј-Ди Венс ќе присуствува на одбележувањето во Њујорк заедно со поранешни претседатели, додека други претставници на администрацијата ќе одат на церемонијата во Шанксвил, Пенсилванија. Венс планираше да биде во Њујорк за годишнината минатата година, но наместо тоа отпатува за Солт Лејк Сити за да биде со семејството на Чарли Кирк, откако конзервативниот активист беше убиен.
За време на минатогодишното одбележување во Пентагон, Трамп одржа говор во кој се потсети на моменти од денот на нападите, вклучувајќи делови од разговорите на патниците кои се наоѓале во киднапираните авиони.
На настан одржан во вторникот на „Елипс“, веднаш до Белата куќа, Трамп вети дека „никогаш нема да ги заборави“ жртвите, истакнувајќи дека нападите на 11 септември биле еден од ретките моменти во историјата што „го делат времето на она што навистина било пред“ и она што дошло потоа.
На тој настан, организиран од фондацијата „Танел ту Тауерс“ (Tunnel to Towers), беше претставена огромна челична греда – висока околу 6,4 метри и тешка речиси 7.700 килограми– извлечена од Јужната кула на Светскиот трговски центар во Њујорк. Греадата, која со месеци патуваше низ земјата како дел од турнејата „Челик низ Америка“ (Steel Across America), требаше да биде во Њујорк за денешната поворка, која ќе го следи патот што го поминал загинатиот њујоршки пожарникар Стивен Силер.
