Архитекти: „Новиот закон за легализација прави упад во системот“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со 72 гласа ЗА и 5 гласа ПРОТИВ, пратениците дадоа зелено светло на Закон за легализација на бесправно изградените објекти. Законот дозволува легализирање на дивоградби во заштитени подрачја, по добиена согласност од надлежниот орган, а исклучени се дивоградбите во границите на Охридскиот регион, дивоизградените станбени згради, доградби и надградби на станбени згради. Поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти, Даница Павловска – Циги, за ТВ21 вели дека ваквиот закон, прави упад во системот

„Ние сме воспоставиле просторно урбанистички систем по кој што ја следиме, односно планираме и реализираме нашата физичка структура и се она што се гради во просторот. Значи таквото нешто го подрива системот и бидејќи го подрива, го руши и она малку што го имаме како организирана, контролирана и планирана градба, заправо се уништува.“, рече Павловска.

Петмина пратеници од владејачката коалиција преку писмо побараа од претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпишува Указот за новиот Законот. Потпис на писмото ставија Моника Зајкова, Боби Мојсовски, Маја Морачанин, Мирослав Богдановски, како и пратеникот Павле Трајанов.

„Сега од 2011 година наваму, тие што граделе нови дивоградби или безправно граделе објекти сега повторно амнестија, повторно легализација и мислам дека ова нема да има крај. Тогаш настанаува правен хаос и непочитување на законите во државата. Лош сигнал праќаме до чесните граѓани и сопанственици. Повеќе од јасно е дека има политички договор помеѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Затоа ние бараме претседателот Стево Пендаровски да направи тим за стручни консултации и предлагаме да го врати назад.“ вели Трајанов.

Од Кабинетот на претседателот за ТВ21 кратко испратија одговор

„Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, вчера е доставен од Собранието на Република Северна Македонија. Претседателот Стево Пендаровски го разгледува текстот на законот по што ќе донесе одлука и навремено ќе ја информира јавноста.“, соопштуваат од кабинетот на Пендаровски.

Од Антикорупциската комисија велат дека овој закон не е корисен за општеството и дека ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на одредбите на овој Закон.

„Државната комисија за спречување на корупција ќе го изанилизира новиот закон и ќе ги изанилизира сите оние одредби кои што сметаме дека содржат коруптивни елементи и ќе му штетат на правниот систем и потоа ќе поднесеме иницијатива до уставниот суд за оценување на уставноста на законот.“, изјави Билјана Ивановска.

Според член 41 од овој закон, се запираат постапките за рушење на дивоградбите, но се прекинуваат и управните и судските постапки кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти. Меѓу опфатените со оваа амнестија се новинарот Драган Павловиќ-Латас, поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, градителот на срушениот објект кај „Мавровка“ и градителот на дивоградбата кај Американската амбасада.