„Иницијативата за Европската демократска партија го добива своето целосно значење кога истомисленици од Тетово стануваат дел од ова патување. За добро да е!“
Со овој напис и со оваа фотографија, Аријанит Хоџа, поранешен потпретседател на Движењето Беса, објави дека ја започнал процедурата за формирање на најавената партија, која ја нарече Европска демократска партија.
За ТВ21 Хоџа вели дека ги собира потребните потписи и е во фаза на формирање на партијата.
„Ние сме во фаза на формирање и целиот наш фокус е да го завршиме овој процес. Следната фаза е фокусот да придонесеме за уставните измени, а во зависност од епилогот на уставните измени ќе го откриеме и нашиот концепт како ја гледаме политичката иднина“, вели Хоџа.
Од друга страна, Изет Меџити од Демократски сојуз, кој излезе како фракција на ДУИ, ги прави последните подготовки и за пет дена ќе го официјализира својот политички субјект. По именување на партијата, тој ја избрал и локацијата. Партијата на Меџит ќе биде со седиште во ТЦ Мавровка.
Инаку, Изет Меџити се изјасни дека ќе формира моќен албански опозициски блок со Алтернатива и „Беса“, за да ја однесе во опозиција партијата на Ахмети – ДУИ. Аријанит Хоџа не ја поддржа оваа идеја за ваков опозицисо обединување, поради што иницираше формирање на нов политички субјект. За него апсурдно е ДУИ да оди во опозиција со едно ново ДУИ.
Останува нејасно дали партијата ќе формира и независниот пратеник Скендер Реџепи Зејди, кој неодамна изјави дека на маса се сите опции – од членство во некој политички субјект до негова иницијатива за формирање нова партија.
