Армијата ќе продолжи да им помага на граѓаните на Гостивар сè додека постои потреба од тоа, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски. Тој посочи дека капацитетите на Армијата, вклучувајќи ги цистерните и опремата за снабдување со техничка вода, и понатаму остануваат на располагање на граѓаните.
Според него, поддршката ќе продолжи во согласност со проценките на надлежните институции и потребите на терен. Мисајловски нагласи дека во овој момент приоритет е обезбедување на неопходната помош за жителите на Гостивар, а обемот на ангажманот на Армијата ќе зависи од развојот на состојбата.
„Во Гостивар ќе останеме како Армија за да обезбедуваме дополнителна техничка вода. Нашите капацитети, цистерните и различната опрема се ставени на располагање и ќе бидеме таму онолку долго колку што е потребно. Иако веќе има техничка вода, ќе постапуваме согласно проценките на Управувачкиот комитет и потребите на граѓаните. Нема временско ограничување – ќе останеме сè додека сме потребни“, истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски.
