Беше ветено дека за две недели јавниот превоз во Тетово ќе профункционира, но тоа не се направи ниту за два месеца. Градоначалникот Биљал Касами вели дека е тешко да се објасни, но според него автобусите ги пуштала фантом компанија.
„Тешко е да и се објасни на јавноста дека во Тетово кружеле автобуси на фантом фирма. Значи, немало исполнување на условите на законска основа и сега ги спроведуваме овие прописи што подразбираат регистрација на фирма, вработување, добивање соодветни лиценци, регистрација и осигурување на автобуси и патници, основни услови за функционирање на оваа компанија во служба на граѓаните“, вели Биљал Касами.
Касами се надева дека до крајот на мај автобусите ќе профункционираат.
„Се надеваме дека во соработка со другите институции до крајот на мај ќе ги ставиме во функција, не зависи се од општина Тетово“, додава Касами.
Но, директорот на тетовското транспортно претпријатие Рафиз Медија пред два месеци изјави дека јавниот превоз се очекува да се активира за две недели.
„Очекуваме одговор од Министерството за информатичко општество за вработувања во компанијата и додека не ни дадат одговори не можеме да почнеме со работа и сега очекуваме одговори од нив и сме нивни заложници. Од Министерството преку мејл потврдија дека го прифатиле нашиот план за вработување, но тоа не стигна до нас. Пратиле по пошта, не стигна до нас, а превозот ќе почне за две недели“, вели Рафиз Медија.
Автобусите во Тетово почнаа да сообраќаат во септември минатава година, но по доаѓањето на Касами тоа беше стопирано со образложение дека нема вработени. Автобусите сега се паркирани на паркингот, додека нивната набавка ја чинеше општината 1,2 милиони евра.
