18 сопственици на земјиштето каде што треба да се изградат првите 2км од автопатот Скопје – Блаце го ангажирале адвокатот Мефаиљ Аслани. Тие бараат да се направи повторно проценка на нивното земјиште и со тоа да се зголеми цената што ја понудија државните власти за отуѓување. Адвокатот Аслани вели дека постапката е во фаза на постигнување договор меѓу сопствениците, јавното претпријатие Државни патишта, Министерството за финансии и Државниот правобранител, со цел да се изнајде компромис. Верува дека случајот нема да заврши во Основен суд Скопје 1, бидејќи, како што вели, тоа е постапка која трае со години.
„Реално, јас сум оптимист дека ќе постигнеме договор каде ние ќе ја утврдиме фактичката состојба на имотот, конкретно, реалната цена на имотот. Верувам дека и со самото претпријатие, Министерството за финансии и Државниот правобранител ќе имаме согласност и ќе постигнеме цена која ќе им одговара на двете страни.“, вели Аслани.
Тој уверува дека неговото ангажирање како адвокат и барањето на жителите за повисока цена, не може да го прекине градењето на автопатот,бидејќи, како што вели, тоа е национален проект и Законот за отуѓување е јасен во тој дел.
„Самиот закон предвидува, кога станува збор за јавен интерес, тој проект, конкретно патот не може да биде попречен. Законот е прецизен и вели дека секој сопственик своите права треба да ги бара врз база на процедурите предвидени со законот за отуѓување.“, рече Аслани.
Аслани е убеден дека барањето на сопствениците на земјиштето во Блаце е нивно право и очекува Министерството за финансии и јавното претпријатие Државни патишта да најдат компромисна цена.
Во меѓувреме жителите во неколку наврати се жалеа дека им е понудена ниска цена која варира од 4 до 10 евра. Освен со отуѓувањето, проектот заглави и на терен, биејќи 5 месеци откако почнаа работите а ниту еден сантиметар не е асфалтиран. Се уште се работи на копање на трасата. Вчера прашавме во Државни патишта зошто работите се одвиваат толку бавно, но од таму се уште без одговор.
