Автопатот Тетово-Гостивар не е автопат?! – Директорот на „Државни патишта“ призна дека не се исполнети стандардите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Автопатот Тетово-Гостивар не ги задоволува стандардите за да се нарекува автопат, но и покрај тоа  граѓаните и понатаму плаќаат патарини на овој патен правец. Ова во емисијата „Клик Плус“ го изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Ејуп Рустеми: Тетово-Гостивар не ги исполнува стандардите за да биде автопат, затоа е дел…

-Тогаш зошто плаќаме?

Е.Р.: Поради тоа е предвидено да се склучи договор со „Бехтел и Енка“.

Иако признава дека оваа делница не ги задоволува предвидените стандарди, на прашањето – зошто граѓаните и понатаму плаќаат патарина, Рустеми се правдаше цитирајќи закони.

-Зошто плаќаме кога не е автопат?

Е.Р.: Одредено е уште во 1995-та.

-Да, но Ве прашувам дали е фер? Вие сте функционер, јас граѓанин, немаме сите картички.

Е.Р.: Поради тоа ние сакаме да направиме да биде автопат.

-Тоа вие што сакате е друго нешто, јас плаќам, во колата имам две сметки што сум ги платил. Кажете ми дали е фер?

Е.Р.: Сите плаќаме согласно законот.

-Но, зошто кога не е автопат? Зошто им нанесувате неправда на Тетово и Гостивар, како и на сите што поминуваат таму? Зошто не го смените тоа, кога веќе знаете дека не е автопат?

„Сега ќе го смениме. ДУИ со преземањето на власта, работата која се обврза да ја направи е изградба на Коридорот 8, согласно она што го прочитав во програмата“, вели Ејуп Рустеми.

Согласно предвидените стандарди, автопатот треба да има две ленти, плус една помошна широка најмалку 2.5 метри. За овој патен правец досега имаше бројни реакции, а пред неколку месеци жителите на тетовското село Селце, излегоа на протест бидејќи се принудени секојдневно да плаќаат по 30 денари патарина за само 2,5 поминати километри.