Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, повика на отворање на границите со цел да се зголеми соработката со земјите од регионот и да се зајакне економијата. Тој истакна дека во моментов недостасува платформа заснована на основни вредности, како што се борбата против корупцијата, забрзаната гасификација, поддршката на извозот и континуитетот во законската регулатива и одлуки.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изјави дека компаниите треба да инвестираат во иновации, дигитализација и одржлив развој за да ја зголемат својата конкурентност, нагласувајќи дека силната економија се гради преку партнерство меѓу државата и бизнисот.
Ова беше истакнато на бизнис-форумот на тема „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во несигурен свет“, што се одржа во Скопје, во организација на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Стопанската комора и Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации, во партнерство со Делегацијата на Европската Унија.
