Поскапувањето на електричната енергија првиот семестар на 2022 година ќе ги потресе корисниците – предвидуваат експертите и стопанските комори. Цената на струјата на берзата за струја во Будимпешта последните 12 месеци е зголемена за 57 евра за мегават, а на крајот на септември цената достигна 138 евра за мегават. Причина за тоа се зелената агенда во Европа и намалувањето на енергијата произведена од јаглен, релативно ниското производство од ветерните централи во Европа, брзиот пораст на пазарите во изминатиот квартал и енормниот пораст на цената на природниот гас на светските берзи.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, вели дека од тука почнува проблемот со кој веројатно ќе се занимаваме подолг период.
„Деновиве сум пренатрупан со писма од компаниите членки на Комората на кои им се откажуваат договорите за снабдување, уредно потпишани, навреме договорени, кои го рушат основниот принцип на нашата работа, а тоа е предвидливоста. Енормниот пораст на цените на суровините во изминатиот период, но и порастот на влезните елементи кои ја креираат производната цена на електричната енергија се иницијалната каписла за моменталните берзански цени кои достигнуваат до 185 евра за мегават час“, вели Бранко Азески.
Но, од друга страна, исто така, ќе имаме поскапувања на прехранбените производи од 40 до 50 проценти до крајот на годината. Ова го најави Васко Ристевски од Стопанската комора на Македонија, кој поскапувањето на цените на производите го нарече „шокантно“.
Поскапувањето на струјата веќе почна во најголемите светски пазари како во Кина, Јужна Кореа, Америка, Велика Британија, ЕУ, Италија и Грција. Цената на гасот е зголемена за 250%, цената на јаглеродот за 80%, на нафтата стигна 80 долари и се очекува да стигне до 100 долари за барел, а цената на струјата е трократни зголемена за разлика на мината година кога беше 138 евра за мегават, поскапување кое е за 180 проценти повеќе за разлика од минатата година.
Експертите најавуваат и ограничкувачки политики со електричната енергија.
