По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, портпаролката на Владата, Венера Азизи, изјави дека едно демократско општество не може да постои без слободни и професионални медиуми. Според неа, точното и непристрасно информирање е темелот врз кој се гради довербата на граѓаните и се зајакнува демократијата.
„Слободата на медиумите не е само право на новинарите, туку и право на секој граѓанин да биде точно и транспарентно информиран. Таа подразбира одговорност, интегритет и почитување на вистината, но и заштита од секаков вид притисок или влијание“, изјави портпаролката на Владата.
Говорејќи во своето службено својство, таа истакна посветеност на промовирање институционална транспарентност, отворен дијалог и гарантирање на слободен пристап до информации за јавноста.
„Институциите мора секогаш да бидат отворени за прашања, критики и јавен надзор, бидејќи само на тој начин градиме стабилна доверба со граѓаните“, нагласи Азизи.
На крајот, таа упати повик на овој значаен ден да се реафирмира заложбата за поддршка на професионалното новинарство, зајакнување на етичките стандарди и создавање средина во која слободниот збор се почитува и се штити, оценувајќи ја слободата на медиумите како темел на нашата слобода како општество.
