Иако многу институции имаат внатрешен систем за пријавување, тие не ја исполнуваат во целост обврската да поднесат извештај до ДКСК, бидејќи немаат примено пријави од укажувачите. Ова го изјави претседателката на комисијата Билјана Ивановска. Во 2019 година пристигнале 19 пријави, во 2020 пристигнале шест пријави и во 2021 година пристигнале девет пријави од укажувачи.
Од сите пријави 26 предмети се отфрлени поради тоа што нема елементи за постапување на комисијата.
Арјан Дирмиши, координатор на Коалицијата на укажувачи од Југоисточна Европа, рече дека со исклучок на Србија, случаите на пријавување на Балканот се генерално ниски. Тој го издвои и случајот во Македонија од 2015 година, кога вработените во безбедносните структури овозможиле значајни промени како оставката на Владата на Груевски, нови избори, Договорот со Грција, членството во НАТО.
„Случаите на укажувачи генерално на Балканот се ниски, во Србија има малку поголем број затоа што повеќе работеле со правните институции, судството, обвинителството, затоа што укажувањето е прашање кое од моментот кога ќе се изврши го инволвира судството систем и ќе треба да има добро познавање на законската регулатива и постапката, како од административен, така и од судски аспект“, вели Дирмиши.
Министерот за правда Никола Тупачевски, посочи дека укажувачите кои пријавуваат информации и дејствуваат во интерес на јавноста и имаат активно учество во борбата против корупцијата и криминалот заслужуваат солидна заштита и поддршка. Тој се осврна на случаите на Едвард Сноуден, Џулијан Асанж и Бредли Менинг нагласувајќи дека она што ги обединува тројцата е тоа што одбрале да не молчат, односно решиле да откријат тешки злоупотреби на човековите права сторени од тие што биле должни да го штитат јавниот интерес и правата на граѓаните.
