Балканските земји со полициски час – европските држави со препораки и мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од вчера попладне тече 85 часовниот полициски час на целата територија на државата. Во работните денови полицискиот час започнува од 16 часот. Викендов е најдолгиот полициски час досега од појавата на коронавирусот. Повеќе влади во светот се одлучија на забрани на дел од движењата на граѓаните во обид да го спречат ширењето на вирусот, но на Блаканот освен препораките воведени се рестрикитвни мерки меѓу кои и полицискиот час.

Владата во Албанија е прва во регионот која одлучи да има полициски час. Преку неделата трае од 17:30 часот 5:00 часот наутро следниот ден. А, за време на викендите од петок од 17:30 часот до понеделник во 5:00 часот.

Еден член од семејство има дозвола да излезе надвор и да ги купи потребните намирници за час и половина. Целосна забрана за излез од дома имаат пензионерите.

Во Србија полицискиот час трае од вчера од 17 часот па се до вторник до 5 часот наутро. И кај нив поради велинденските празници воведен е најдолгиот полициски час од 84 часа.

Во Косово граѓаните постари од 16 години можат да излегуваат единствено за набавки на прехранбени и фармацевтски производи во период од час и половина во текот на денот. Периодот во кој граѓаните ќе можат да го користат своето време за набавки, од 7 до 22.30 часот, се определува според претпоследната бројка од нивниот матичен број во личната карта.

Во Црна Гора е воведен полициски час од понеделник до петок од 19 до 5 часот следниот ден, во сабота од 13 до 5 часот следниот ден, а во недела од 11 до 5 часот наутро следниот ден.

А пак во Бугарија, полициски час има само во одредени региони.

Во Франција, карантинот е флексибилен, може да излезете во кој било период од денот, времето е ограничено за сите потреби. Во Германија има забрана на собири на повеќе од две лица. Владата на Италија го продолжи рокот на рестриктивните мерки против ширењето на коронавирусот до 3 мај, иако некои продавници ги отворија своите врати уште од 14 април. Инаку според последните податоци на Ворлдометерс, во светот има вкупно 2 259 001 заболени од ковид-19, од кои 154 390 починале, а 575 970 луѓе оздравеле. Новопријавени во изминатите 24 часа се 10 138 заразени со коронавирусот. На листата со најмногу заразени и починати се САД со 710 272 заболени и 37 175 починати лица.