Возачот избегал откако ги истоварил дрвата на патот – Даути: Секоја акција треба да се спроведува со внимание кон безбедноста на граѓаните

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за внатрешни работи го разјасни вчерашниот настан во скопско Арачиново, каде полицијата употребила огнено оружје при потера по лице осомничено за шверц со дрва. Според МВР, полицијата пукала предупредувачки куршуми во воздух, додека возачот ги истоварил дрвата на патот и избегал во непознат правец.

„На 24.05.2026 година околу 12:00 часот, на влезот во селото Арачиново, во скопскиот регион, полициски службеници дале знак за запирање на камион натоварен со дрва, но возачот не застанал и продолжил со движење. Потоа, возачот го насочил камионот кон полицајците и службеното возило, по што полициските службеници испукале предупредувачки куршуми во воздух. Возачот ги истоварил дрвата на патот и со возилото избегал во непознат правец. Нема повредени лица, а дрвата се предадени на Шумската полиција. Се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот и возилото.“, порача МВР.

Во врска со случајот реагираше и градоначалникот на Општина Арачиново, Даут Беќири, кој вели дека секоја полициска акција треба да се спроведува со професионалност и максимална грижа за безбедноста на граѓаните.

„За среќа немаше повредени, но вознемиреноста кај жителите беше голема, бидејќи настанот се случи во населено место со семејства. Како градоначалник, јас сум за спроведување на законот и зачувување на редот, но секоја акција мора да се спроведува со професионалност и максимално внимание кон безбедноста на граѓаните.“, вели Даут Беќири.

Инаку, на социјалните мрежи имаше бројни реакции поради големото присуство на полициски сили поврзано со овој случај, како и поради употребата на огнено оружје во населена зона.