Нема криза за домашните банки. Заработиле над 150 милиони евра во првите шест месеци од годинава – покажуваат податоците на Народната банка. Речиси целиот колач отишол кај петте големи банки, но и помалите се во плус. Ако 2024 година банките ја завршија со рекордна добивка од речиси 283 милиони евра, одлично им оди и во првите шест месеци од годинава. Ако продолжат со ова темпо до крајот на годината можат да го срушат рекордот од лани.
Добивка на домашните банки по оданочување:
- 2024 година – 283 милиони евра
- од јануари до јуни 2025 – 150,1 милиони евра
- од јануари до јуни 2024 – 155,1 милион евра
Податоците на Централната банка покажуваат дека само за шест месеци од годинава банките наплатиле од граѓаните и бизнисот речиси 295 милиони евра само до камати за кредититет. Само домаќинствата пак за камати платиле над 117 милиони евра во домашните банки. Бројките покажуваат дека нето-приходот од камати за банките бил над 228 милиони евра.
Приходи од камати втор квартал 2025:
- приходи од камати – 294,8 милиони евра
- приходи од камати од домаќинства – 117,7 милиони евра
- нето приходи од камати – 228,1 милиони евра
За надоместоци и разни банкарски провизии пак граѓаните и бизнисот оставиле речиси 93 милиони евра во домашните банки. Нето приходот од провизии и надоместоци за банките, во првото полугодие од годинава бил 56 милиони евра.
Приходи од надоместоци и провизии втор квартал 2025
- приходи од надоместоци и провизии – 92,9 милиони евра
- нето приходи од надоместоци и провизии – 56 милиони евра
Математиката покажува дека само за камати и провизии граѓаните и компаниите оставиле во домашните банки 388 милиони евра.
Вкупно од камати и провизии втор квартал 2025
- наплата на камати+ надоместоци и провизии = 388 милиони евра
Токму провизиите и надоместоците на банките беа првата работа за која се фати новиот Гувернер на Народната банка, Трајко Славески. Побара од банките да ги намалат, откако и централната банка ги намали надоместоците за нив. Последните информации се дека банките ги намалиле цените за нивните услугидо 50 проценти. А очекувањата се дека до октомври, новите тарифници со пониски цени за надоместоци ќе ги применат сите домашни банки.
