Добивките на банкарскиот сектор во земјава продолжуваат да растат, а значителен дел од заработката и натаму доаѓа од надоместоците и провизиите што ги плаќаат граѓаните и компаниите за банкарски услуги.
Според најновите податоци од Народната банка, банките во текот на 2025 година оствариле повеќе од 118 милиони евра нето-приходи од провизии и надоместоци. Во споредба со претходната година, тоа претставува зголемување од околу 3 милиони евра или 2,7 проценти.
Истовремено, вкупната добивка на банкарскиот сектор достигнала речиси 304 милиони евра, што е за околу 21 милион евра повеќе во однос на 2024 година. Со тоа, над една третина од вкупниот профит на банките произлегува од наплатените провизии.
Во Македонија работат 12 банки, а дел од нив веќе најавија нови корекции на ценовниците и повисоки надоместоци за одредени услуги, што предизвика реакции кај јавноста и отвори прашања за оправданоста на ваквите трошоци.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оцени дека станува збор за услуги кои секојдневно ги користат и граѓаните и компаниите, поради што прашањето за висината на надоместоците заслужува поширока јавна расправа.
Тој посочи дека централната банка во моментов нема законска можност директно да интервенира во одредувањето на банкарските провизии, но смета дека е потребно да се разгледаат можности за дополнување на законската рамка по примерот на повеќе европски држави, каде што постојат механизми за заштита на корисниците и обезбедување фер услови за користење на платежните услуги.
На ставот на гувернерот реагираше министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, која изјави дека надоместоците и провизиите што ги наплаќаат банките не се област што во моментов се регулира со закон.
Дебатата за банкарските провизии доаѓа во период кога профитите на банките бележат континуиран раст, а дел од клиентите изразуваат незадоволство поради најавите за нови поскапувања на услугите.
