Бараат да им се признаат дипломите – протестираат учениците од средното верско училиште во Тетово

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Десетици ученици од  средното женско верско училиште во Тетово се обратија до Тетовското муфтиство барајќи да им се признае дипломата од средното училиштте. Универзитетите во Македонија не ги признаваат нивните дипломи. Велат дека тоа им е ветено кога се запишале.

„Дали е можно учениците на медресето по завршувањето на училиштето како и сите други ученици на Македонија да се запишуваат во сите јавни и приватни универзитети? Секако, одговорот е не! Образованието е задолжително во Македонија. Живееме во држава каде соништата се убиваат, песимизмот е на местото на оптимизмот. Веќе неколку години нашите барања до државните институции не наидуваат на слух, како од Рисајетот на ИВЗ така и од Министерството за образование и Владата на Северна Македонија“, истакна Ерса Илјази.

Освен што велат дека државата е глува за нивните барања, тие денеска не беа примени ниту во Тетовското муфтиство. Овде не беше примено ни официјалното барање на еден родител кој сакал истото да го достави, со образложение дека ниту муфтијата ниту секретарот не се тука, иако овој протест бил најавен пред неколку дена.

„Како што гледате и самите протестот е пријавен од вчера  и знаеја и муфтијата и заменикот негов, гледате и самите дека и архивата е затворена и ние како родители имаме обврска да бидеме покрај нашите ученици, да имаат права како сите други средношколци“, додава Нусрет Илјази.

Учениците од средното верско училиште Иса Бег со завршување на средното училиште не можат да се запишат на ниеден универзитет. За разлика од нашата земја, тие тврдат дека дипломите им се признати од сите балкански држави, и во арапските држави каде вообичаено  потоа следат високо образование.