Министерството за правда го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски кое преку МНР ќе биде доставено по дипломатски пат до турските власти. Oригинал документ е испратен по ДХЛ до Министерството за правда на Република Турција и во скенирана верзија е пратен и до Интерпол.
Министерот Спасовски потврди дека кривична пријава ќе биде поднесена и Стефан Димковски, лицето кое му помогнало на осомничениот за убиството да избега од Белград во Турција. Што се однесува до екстрадицијата, Спасовски вели дека се надева дека целата постапка ќе биде завршена во најбрз можен рок.
Министерот за правда очекува коректна соработка со властите во Турција и смета дека многу брзо Палчо ќе биде екстрадиран во Македонија.
Палевски беше уапсен во турскиот град Баликесир и сега се очекува неговата екстрадиција. Во Србија, осомничениот за убиството на 14 годишната Ѓорчевска и 74 годишниот Жежовски на 1 декември со неговиот адвокат од Скопје заминал со автомобил Шкода Супер Б и бил оставен во хотел. Од таму, утредента со друго лице од Скопје со џип Ренџ Ровер преку граничниот премин Градина влегол во Бугарија а потоа преминал во Турција.
