Беким Незири името кое ќе ги обедини интегративците? – „Подготвен сум да направам се да има помирување во ДУИ“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тој тврди дека посредувал меѓу „огнената група“ и остатокот од ДУИ, за усогласување на позициите, но кога требало да избира меѓу политиката на Али АхметИ и онаа на Изет МеџитИ, кандидатот за шеф на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири, ги избра оние на партискиот лидер, иако додава дека ќе го задржи пријателството со Меџити и дека очекува еден ден нивните патишта повторно да се вкрстат политички.

„ Ако мисли на мојата кандидатура, не гледам забивање нож зад мојот грб затоа што и господинот Меџити и јас придонесуваме за доброто на ДУИ од 2002 година, каде што претседател е господинот Али Ахмети, па затоа не гледам забивање нож зад мојот грб кога се кандидирам за заедничка куќа што ја градевме со години“, вели Беким Незири.

За кавгите меѓу Интегративците во Чаир, за заканите по живот што Висар Ганиу рече дека ги добил од Муарем Хасани, Незири рече дека на барање на Али Ахмети разговарал со Ганиу, како обид да помогне да се смири ситуацијата. А за помирување во партијата Незири вели дека е подготвен на се.

„ За помирување, за приближување, јавно кажувам, му кажав и на господинот Меџити, ако треба Беким Незири ќе се повлече од функцијата шеф на огранокот по еден месец, нека дојде господинот Изет Меџити да го води“, додаде Беким Незири.

Незири вети дека доколку биде избран за шеф на огранокот на ДУИ во Чаир, ќе бара претседател на огранок да не може да извршува јавна функција, ниту на локално, ниту на централно ниво. На прашањето за постојаните функционери, тој вети дека ќе покрене иницијатива за во иднина функционер да не може да има повеќе од два мандати во дадена институција.