Пред една недела во Клик Плус, Изет Меџити, рече дека министерот за економија, Крешник Бектеши, кој истовремено е и член на централното раководство, побарал исклучување на фракцијата и на сите нивни истомисленици.
Меџити: Барањето за фракцијата на овие функционери, конкретно еден министер побарал да се исклучи не само Изет, Блерим, Муса и Невзат, туку сите нивни истомисленици.
ТВ21: Кој рекол? Кој министер?
Меџити: Крешник Бектеши.
Но, овие тврдења вчера ги демантираше министерот Бектеши. Вели дека Изет Меџити добива дезинформации од некој во партијата. Бектеши вели дека побарал одговорност за нивното дејствување како членови на централното раководство.
„Јас како член на централното раководство не сум побарал исклучување на членови на ДУИ и за жал треба да го демантирам г. Изет Меџити поради тоа што погрешно го информирале изворите кои, како што тврди, ги има во централното раководство. Јас сум бил за носење одговорност, почнувајќи од себеси за дејствувањата кои ги правиме ние како членови на раководството.“, изјави Бектеши.
Според Бектеши, Меџити не ја врши неговата должност како потпретседател на ДУИ.
„Би сакал мојот пријател Изет Меџити да ја врши должноста на потпретседателот на ДУИ, поради тоа што му е доверена таа задача од страна на членовите на ДУИ, гласачите на ДУИ, од генералниот совет на ДУИ, како што треба да ги вршиме задачите кои ни се доверени и на нас како членови на раководството. Сметам дека во овој момент г. Меџити не ја врши како што треба должноста на потпретседател на ДУИ.“, рече Бектеши.
А во врска со оваа изјава возврати Меџити. Според него, ДУИ е длабоко навлезена во анархија и не се знае кој јаде и кој пие бидејќи секој дава поинаков одговор.
„Самиот потврди дека побарал наше разрешување. Доколку се анализираат изјавите на генералниот секретар, портпаролот и министерот, тие се контрадикторни. Едниот вели се самоисклучиле, другиот не се почитува статутот, третиот вели нè се уште е потпретседател, само генералниот совет може да го разреши. Едноставно таму не се знае кој јаде и кој пие, едноставно ДУИ е навлезена во длабока анархија.“, вели Меџити.
Инаку, на 1 април, незадоволната група во ДУИ одлучи да функционира како фракција во рамките на партијата и досега не е најден заеднички јазик меѓу страните. Барањето на Огнената група досега беше смена на Бујар Осман и Артан Груби од партиските функции.
