Бектеши: Нема енергетска криза и поскапување – Мицкоски: Состојбата е алармантна, ќе се соочиме со недостиг на струја

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Врз основа на анализата направена од Комисијата за електроенергетска кризна состојба и согласно сите информации од нивна страна не беше донесена одлука за прогласување на електроенергетска кризна состојба во државата.

Ова го изјави министерот за економија Крешник Бектеши по средбата што ја имаше со енергетските компании во врска со актуелната состојба со струјата.

Бектеши истакна дека состојбата е стабилна и дека до крајот на годинава нема да има поскапување на струјата за домаќинствата и малите компании, но како ќе биде состојбата по крајот на оваа година, не се знае.

„Ги повикав сите енергетски компании, производителот на струја, операторот за пренос, дистрибутерот и Регулаторната комисија за енергетика. Разговаравме за моменталната состојба, проекциите и анализите за наредните недели и месеци и заеднички заклучок беше дека до крајот на годината нема да има поскапување на струјата за домаќинствата и малите компании“, истакна Крешник Бектеши.

Состојбата е алармантна, смета лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој вели дека Владата краде тендери и струја од операторите на соседните држави.

Кризната состојба според одредбата која произлегува од Законот за енергетика, може да се воведе од страна на Комисијата со која раководи Министерството за економија, кои треба да и препорачаат на Владата и истата да прогласи кризна енергетска состојба.