Николоски: Градежништвото е силен двигател на македонската економија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градежниот сектор бележи значителен раст во второто тримесечје од годинава, при што обемот на извршените градежни работи е зголемен за 21,9 отсто во споредба со истиот период лани.

Податоците ги објави на својот Фејсбук профил заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, кој оцени дека градежништвото претставува еден од значајните двигатели на домашната економија.

Според Николоски, во второто тримесечје од 2026 година биле завршени градежни работи во вкупна вредност од 14,9 милијарди денари, односно приближно 242 милиони евра.

„Растот на градежништвото е добар поддржувач на домашната економија“, наведува Николоски.

Тој посочува дека позитивните резултати, според него, се поврзани со политиките и инвестициите на Владата, при што најавува продолжување на инфраструктурните проекти со засилено темпо.

Во фокусот, како што наведува министерот, ќе останат инвестициите во автопати, експресни патишта, железничката инфраструктура, аеродромите, како и повеќе од 1.200 проекти во општините.

Николоски оценува дека реализацијата на овие проекти ќе придонесе за подобрување на инфраструктурата и за позиционирање на земјата како стратешка сообраќајна раскрсница на Балканот.

„Ја поставуваме државата вистинска стратешка раскрсница на Балканот. Ја градиме Македонија“, порача Николоски.