Коалиционите партнери, СДСМ и Движење Беса, се уште се координираат за тоа каква ќе биде конечната верзија за етничката графа во личните карти. Лидерот на Беса, Биљал Касами верува дека ова ќе се случи наскоро, а додава дека се подготвени да се договорат означувањето на етничката припадност во личните карти да не биде задолжително.
„И натаму сме отворени за дебата. За информација на јавноста како дел од оваа дебата за тоа да биде задолжителна етничката графа за сите граѓани, ние покажавме флексибилност тоа да биде на барање на граѓаните, да не биде дискриминирачки елемент кон граѓаните кои не сакаат да ја одредат нивната припадност во личните карти“, истакна Биљал Касами.
Предлог законот за личните документи во моментов е во собраниска постапка. Се уште се чекаат пратеничките амандмани, бидејќи 2 пратеници од Левица доставија 1200, но Касами вели дека се разгледуваат можностите за надминување на оваа пречка.
„Врз основа на деловникот на Собранието ние ќе ја разгледаме можноста дебатата за овие амандмани кои во одредени моменти се апсурдни, да се скрати до максимум и што поскоро законот да дојде на пленарна седница“, додава Биљал Касами.
Лидерот на Беса уверува дека Заев не се повлекол од договорот за етничка графа во личните карти. Оценува дека тоа не ја попречува евроинтеграцијата, а тоа вели дека го разјасниле и со амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир со кого се сретна пред неколку дена.
Но Гир во интервју за ТВ21 и натаму истакнува дека европската регулатива забранува такво нешто, а со тоа треба да се согласи секоја земја кандидат.
„Во ЕУ релевантното законодавство е нешто наречено Општа регулатива за заштита на податоците на ЕУ и тоа забранува процесирање, тоа значи пренесување и зачувување на лични податоци за националноста, расата, верата или политичката определеност, сексуалната ориентација и неколку други елементи. Тоа се стандарди на ЕУ“, порача Дејвид Гир.
Касами вели дека во моментов нема никаква забелешка за тоа каде што вели дека етничката графа ја попречува евроинтеграцијата на земјава во ЕУ.
Доколку евентуално има некаква забелешка, вели дека се подготвени да ја продолжат дебатата за да се најде подобра варијанта за етничката припадност да стои во личните карти.
