Кинескиот онлајн трговец „Тему“ се согласил на спогодба во врска со обвинувањата за нарушување на приватноста на податоците, кои ги изнесе американската сојузна држава Тексас. Компанијата ќе го ограничи начинот на кој ракува со личните податоци на купувачите од оваа држава, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на документи во кои имал увид.
Како што се наведува, „Тему“ се соочува со неколку тужби покренати од одделни американски сојузни држави, кои изразиле загриженост дека компанијата незаконски собира податоци од американските корисници, до кои потоа би можела да има пристап и кинеската влада.
Тексас е првата американска сојузна држава што постигнала спогодба за решавање на овие спорови, додава „Ројтерс“.
