Членови на „Беса“ имаат забелешки за начинот на комуникација на министерот Фатмир Лимани кон нив, поради што партиските органи може да одлучат да го повлечат од функцијата во Владата, изјави лидерот на Беса, Биљал Касами, нагласувајќи дека партијата ги има во свои раце имињата што ги предлага на функции во извршната власт.
„Секако, додека е на таа позиција како предлог на ВЛЕН кој доаѓа од Движењето Беса, и евентуалната реконструкција, првите предлози ќе дојдат од ВЛЕН и секако со почитување на предлозите од субјектите што го сочинуваат ВЛЕН“, изјави Биљал Касами, претседател на движењето Беса.
Запрашан од ТВ21, министерот Лимани изјави дека не сака да коментира хипотетички изјави и дека официјален став ќе има само доколку има конкретни чекори од надлежните органи или од политичкиот субјект.
„Во врска со изјавата на г. Касами дека наводно располага со надлежности за разрешување на министерот, Фатмир Лимани нема да коментира политички тврдења или хипотетички изјави. Јавно ќе се произнесе во моментот кога ќе постои конкретна, официјална и институционална одлука од субјектот или надлежниот орган. До тогаш не смета дека е оправдано да влегува во дебата со политички изјави“, рекоа од кабинетот на Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
Премиерот, пак, изрази задоволство од работата на Лимани и му порача на Касами кој е мандатарот и кој одлучува кој влегува и кој излегува од Владата.
„Јас сум задоволен од работата на г. Фатмир Лимани и мислам дека е додадена вредност во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Јас сум мандатар на владата и јас ја правам владата. Ако некој го заборавил тоа, еве да ве потсетам“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Друго име што Касами го спомена синоќа во „Клик Плус“ е директорот на Метрологија, Седат Рушани, за кого рече дека го разрешил поради незадоволство од неговата работа. Разрешениот директор реагираше прашувајќи кој ја направил таа оценка, додавајќи дека вистинската причина, според него, е тоа што не прифатил пазарења, корупција и потчинување, а тоа како што вели, не ѝ се допаднало на партиската раководна структура.
