Беса ја условува Владата – „Прво предвремени избори, а потоа поддршка за уставните измени“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поддршката и гласањето на уставните измени Движењето Беса ќе го условува со предвремени парламентарни избори. Ако се има волја за да се решат проблемите и прашањата во делот на интегрирањето, се надевам дека можеме да се договориме и за уставни промени и за предвремени избори, рече претседателот на Беса Биљал Касами.

„Ако власта сака соработка во делот на уставните промени, тоа значи дека мора да се седне на заедничка маса за да имаме консензус за сите прашања, вклучително и предвремените избори. Ако за власта приоритет е промената на Уставот и вклопување на Бугарите како народ во Уставот, тогаш мора да се направи компромис во делот на предвремените избори. Тоа значи дека власта ако сака да ги тера промените сигурно дека мора нешто да даде, а тоа е предвремени избори“, вели Биљал Касами.

Иако се навестува дека процесот на отворањето на Уставот би можел да започне од јануари, премиерот Ковачевски деновиве истакна дека, измените ќе се најдат во Собранието откако ќе се направат политички и стручни консултации за да се обезбеди широк консензус. Во однос на предвремените избори досега бил дециден дека не ги прифаќа и дека избори ќе има редовни. Касами вели дека доколку од власта не го прифатат барањето за предвремени избори напролет, тогаш ќе се оди на окрупнување на опозицијата околу ова прашање а најавува и протести.

„Ќе се разгледа можноста од пролет ако власта нема слух за овие проблеми и да излезе да се соочи со граѓаните на предвремени избори ќе се разгледа заедно со другиот дел од опозицијата албанска, сигурно во делот на организирање на некакви и протести и секаков вид на организирање односно притисок врз власта за да се слушне гласот на граѓаните и што побрзо да се оди на предвремени избори“, додава Касами.

И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан  Мицкоски кој постојано бара одржување предвремени избори, деновиве рече дека тие треба да се одржат во првиот возможен термин, а оптимално е тие да се случат на пролет.