Замолкна гласот на Далмација: Почина легендарниот Мишо Ковач

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Еден од најпопуларните хрватски пејачи на сите времиња, Мате Мишо Ковач, почина на 31 октомври, на 85-годишна возраст, објавија хрватските медиуми.

Според информациите на „Слободна Далмација“, пренесени од ХРТ, легендарниот музичар починал во болница во Сплит. Веста за неговата смрт за „Индекс“ ја потврдиле и извори блиски до пејачот.

Роден е на 16 јули 1941 година во Шибеник, а зад себе остави музичка кариера долга повеќе од шест децении. Со заминувањето на Мишо Ковач, хрватската музика загуби еден од своите најпрепознатливи и најпопуларни изведувачи, чии песни со децении ги пееја генерации слушатели.

Неговото име е неразделно поврзано со безвременските хитови „Остала си увијек иста“, „Ако ме оставиш“, „Пољуби земљу“, „Сви пјевају, ја не чујем“ и „Далмација у мом оку“.

Големата популарност ја стекна во седумдесеттите и осумдесеттите години, а неговиот препознатлив глас и емотивните изведби го направија симбол на далматинската и хрватската музика. Во 2012 година ја доби наградата „Порин“ за животно дело.

Во неговата кариера продал над 20 милиони плочи и добил огромен број награди за својата работа. Неговите песни станаа дел од музичкото наследство на Хрватска и беа слушани од повеќе генерации.

Неговиот живот го одбележа и голема лична трагедија – во 1992 година го загуби синот Еди, кој имаше 16 години.

Песната „Остала си увијек иста“ ја препеа и нашиот Тоше Проески, па затоа стана особено популарна и кај помладите генерации во Македонија.