Од клинци до модерни машини – како се менува стариот чевларски занает: Тетовскиот мајстор се бори да ја зачува традицијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Месер е чевлар од Тетово, кој со овој занает се занимава уште од својата десетта година. Почнал како чирак, потоа работел кај други мајстори, а откако го совладал занаетот, отворил сопствен дуќан. Денес во Тетово има три вакви продавници, но се соочува со сè поголем недостиг од работници и слаб интерес кај младите за продолжување на традицијата

Тој вели дека работа има, но чевларскиот занает, како и многу други традиционални професии, значително се променил. За разлика од минатото, кога чевлите се поправаа со клинци и рачен алат, денес се потребни современи професионални машини и големи инвестиции.

„Овој занает го работам уште од трето одделение. Имав десет години кога почнав да работам кај мајстор чевлар. Потоа уште 11 години работев, па го отворив сопствениот дуќан. Денес има многу работа, но младите не се заинтересирани за овој занает. Тој е добар и може да се напредува, работа има колку сакаш. Почетоците беа тешки, како и во секоја работа, но постепено стигнав до три дуќани. Сега, сепак, нема работници. Еден дуќан ќе морам да затворам до крајот на годината, бидејќи мојот добар работник заминува во Швајцарија. Ќе го задржам само другиот дуќан, и тоа за продажба“, раскажува Месер Хамнди, чевлар.

Голема е разликата и во начинот на производство и поправка на обувките. Денешните модели, особено поскапите патики, бараат поинаква техника на работа, а современата опрема е неопходна за да се одговори на барањата на пазарот. Според Месер, инвестициите во машините може да достигнат и стотици илјади евра.

„Денес веќе нема клинци како порано, бидејќи младите носат скапи патики, од 100 до 300 евра. Мораш да се приспособиш и да работиш поинаку, не можеш да ги поправaш како некогаш. И самиот сум произведувал чевли, имав седум работници и продавав и на големо. Но го прекинавме производството бидејќи нема работници, а има и многу производи од увоз. Рачната изработка има подобар квалитет. Нашите производи беа квалитетни, но без работници и со голем увоз од Кина, производството веќе не е исплатливо“, вели Хамнди.

Во Тетово, според неговите зборови, останале само тројца чевлари кои сè уште се занимаваат со овој занает. Поправката на обувки бара специфични вештини, прецизност и долгогодишно искуство, но и постојано приспособување кон новите модели и материјали.

Иако чевларството може да обезбеди работа и заработка, младите сè помалку се одлучуваат да го изучуваат. За да се стане вистински мајстор, потребни се години учење, трпение и посветеност – нешто што го прави зачувувањето на овој традиционален занает сè поголем предизвик.