Беса, ВМРО, АА и независна листа формираа мнозинство – ДУИ, СДСМ и ДПА останаа во опозиција во општинскиот Совет во Тетово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Економистот Бесар Дурмиши од Движење Беса е претседател на Советот на Тетово. Од вкупно 31 советник, 16 гласаа за него. ЗА гласаа 8 советници од Движење Беса, 4 од ВМРО-ДПМНЕ, 2 од АА и 2 од Независна листа. Еден од тројца советници на коалицијата АА-ААА, конкретно од Алтернатива, не гласаше. Новиот претседател на советот, Бесар Дурмиши не кажа како ќе се поделат функциите во општината меѓу Беса и општинските партнери, ВМРО-ДПМНЕ, АА и Независна листа и дали имале договор за поддршка во вториот круг на локалните избори.

„Начелно со АА бевме и во кампања и нивната поддршка беше реципрочна, ние ги поддржавме во тие општини каде што беше потребна измена и сакаа да продолжат уште еден мандат и исто и тие не’  поддржаа за промени. Со ВМРО имавме договор за раководни позиции, кога да биде претседател, каде и како ќе биде“, истакна Бесар Дурмиши.

Од Независна листа Најдоброто за Тетово велат дека нивната поддршка била условена и дека ќе продолжат да гласаат ЗА само доколку општината е транспарентна и работи во интерес н  а граѓаните.

„Ние рековме дека ќе ја поддржиме секоја одлука која е за доброто на градот и ќе се спротивставиме на секоја одлука  која е на штета на жителите на Тетово. Важно е претседавачот  со советот и градоначалникот  да бидат од една партија  и тоа ни дава надеж дека ќе има некаква измена, но тоа не значи дека нашиот глас ќе биде за секоја одлука на актуелното раководство, ние ќе ја анализираме секоја точка  една по една“, истакна Елмедина Абдулау.

ДУИ  со 10 советници, ДПА со 2 и СДСМ со 2 советници остануваат во опозиција на советот на Тетово. На гласањето биле воздржани бидејќи, како што велат, претходно не биле консултирани  за мнозинството во Советот. Денеска за прв пат седницата на советот во Тетово се емитуваше и онлајн на страната  на општина Тетово.