Бесими: Продолжуваме со реформите во јавните финасии

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Новата нацрт програма за реформа на управувањето со јавните финансии денеска е разгледана со сите релевантни партнери. Со неа треба да продолжат реформите во оваа област откако пред четири години беше донесена првата програма за реформа на управувањето со јавните финансии.

Нацрт-програмата е структуирана во осум столба со 22 приоритети, а е резултат на работата на релевантните институции на системот на управување со јавни финансии во последните шест месеци. Процесот е координиран од Министерството за финансии, а помогнат од „SIGMA“.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, понатамошното подобрување на управувањето со јавните финансии е неопходно не само како поддршка на мерките за фискална консолидација и структурни реформи, туку и како процес којшто го подига квалитетот на јавната администрација и обезбедува амбиент кој е атрактивен и посакуван терен за инвеститорите.

– Управувањето со јавни финансии е особен предизвик во услови на турбулентно економско окружување, што беше наметнато од здравствената пандемија која започна во 2020 година и предизвика не само здравствена, туку и социо-економска криза, која дополнително се влоши со енергетската криза и актуелната војна во Украина, изместувајќи ги речиси сите економии од нивната преткризна траекторија на раст. Потребата да се преземат економски мерки предизвикаа зголемување на расходите на државата заради експанзивната фискална политика и ја поместија среднорочната рамка на планираните фискални таргети со зголемени дефицити и јавен долг. Со ова се потенцира важноста на одржливоста на јавните финансии и се истакна потребата од балансирање помеѓу краткорочните стабилизациони цели и долгорочната фискална одржливост, преку рационализација на јавните расходи на среден рок, како и мерење на резултати од реализација на расходите со цел зголемување на ефикасноста на трошењето и постигнување на фискална одржливост на среден рок, рече Бесими, обраќајќи се на денешниот состанок.

Реформите во јавните финансии за подобрување на фискалната рамка, зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии, зголемување на наплатата на приходите, подобрување на системот на јавни набавки и зајакнување на внатрешната и надворешната контрола преку зголемување на транспарентноста и отчетноста во работењето се идентификувани како клучни цели на Владата.