Бесплатно ќе го собираме мебелот кој не ви треба – општина Тетово со план за да се „спаси“ од инертениот отпад

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Отпадот од домаќинствата како мебел, врати и прозорци кои се за фрлање ќе се собира бесплатно на трошок на општина Тетово. Оваа точка од дневниот ред помина со мнозинство гласови во Советот на Тетово. Претседателот на советот, Наим Исмаили, посочи дека исплатата од општината ќе се врши врз основа на месечниот извештај.

„Како важна точка на дневен ред, компанијата „Тетово“ бесплатно ќе ги зема и отстранува дивите депонии, да речеме условно од инертниот отпад што не е во наделжност на компанијата Сабермахер. За инертниот отпад кој ќе го пријават граѓаните ќе се дава месечен или неделен извештај и врз основа на тој извештај ќе се покриваат трошоци“, вели Наим Исмаили.

Според директорот на ЈКП „Тетово“, Самет Бислими, граѓаните ќе можат да се обратат до претпријатието, по што ќе се утврди рокот за отстранување на отпадот, додека самите граѓани ќе можат да го фрлаат на истовар-товар точката на патот Тетово – Фалиште.

„Донесена е одлука од Советот на општината, при што апелиравме до секој граѓанин кој има инертен отпад да се јави на броевите на претпријатието, да остави термин и ние ќе одиме до дома да ги земеме, каде што одредивме сума во Управниот совет по цена од 1000 денари и видовме дека нема ефект и граѓаните сепак продолжија да ги фрлаат во контејнери или околу контејнерот и сметавме дека е разумно оваа услуга да биде бесплатна за да не ги фрлаат надвор или во контејнерите“, вели Самет Бислими.

Треба да се нагласи дека оваа служба нема да собира градежен отпад. Оваа услуга општина Тетово почна да ја дава од мај 2024 година по цена од 1000 денари, но во околината на контејнерите сè уште се забележува отпад како мебел и други предмети.