Дали се доведува во ризик реализацијата на проектот за третман на отпадните води во Скопје по ребалансот на буџетот? Министерот за животна средина, Мухамед Хоџа, вели дека, и покрај кратењето на дел од средствата од кредитните линии на Европската инвестициска банка, предвидените плаќања до крајот на годината се обезбедени. Прашањето е важно за главниот град, бидејќи отпадните води се испуштаат во реката Вардар. Во меѓувреме, за неколку други населени места се изградени помали системи за пречистување на отпадните води, вклучително и станицата во Сарај, за водите што завршуваат во Треска, и онаа во Ново Село, за водите што се испуштаат во Лепенец.
„За време на ребалансот на буџетот, на нашето министерство му беше одземен дел од средствата од кредитните линии на Европската инвестициска банка. Ова нема врска со пречистителната станица во Скопје. Сепак, тоа не значи дека нема средства. Сите плаќања што треба да ги извршиме до крајот на оваа година се вклучени во буџетот на министерството“, вели Мухамед Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање.
Друго прашање за кое зборуваше министерот е депонијата во поранешниот индустриски комплекс Југохром, во Јегуновце. Според него, институциите започнале координација за да најдат решение со кое проблемот би се третирал на долг рок.
„Ги усвоивме заклучоците и формиравме работна група, составена од претставници на различни министерства и експерти, кои работат на изнаоѓање идеално долгорочно решение, кое ќе стави крај на проблемот со оваа депонија“, вели Мухамед Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање.
Овие одговори Хоџа ги даде за време на презентацијата на петте модули на иницијативата „Зелен пресврт преку дигитализација“. Иницијативата има за цел да ја подобри институционалната транспарентност, да ги поедностави административните постапки и да овозможи поефикасно управување со податоците поврзани со заштитата на животната средина.
