По средбата во Приштина кај Албин Курти, извори на ТВ21 велат дека соработката меѓу Таравари, Меџити, Касами и Гаши е веќе завршена работа. Во наредните денови се очекува официјализирање на договорот, додека во текот на неделата се очекува Таравари да ги извести партиските органи. Но, дали Села и Лога ќе бидат на иста линија со Таравари, се очекува да се дознае на седницата на Собранието на Алијанса за Албанците. Денеска се обидовме од Таравари да дознаеме нешто повеќе околу средбата, но тој само кусо ни одговори дека работата не е завршена.
„Не е завршена работа. Кога ќе имаме конечна одлука, секако дека ќе се произнесеме“, вели Арбен Таравари.
Но, од друга страна, претседателот на Централното собрание на АА, Зијадин Села, за ТВ21 потврди дека Таравари не се координирал со него пред синоќешната средба во Приштина.
ТВ21: Дали г. Таравари се координираше со вас како Централно собрание во однос на средбата што ја оствари во Приштина?
З.С: Не, воопшто. За сите детали обратете се кај претседателот на партијата.
Но, членот на Централното собрание, министерот Фатмир Меџити вели поинаку:
„Секако дека сум во секојдневна координација со претседателот на партијата. Ние тоа не го криеме. Претседателот на партијата неколкупати се сретна и со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и со претставниците на опозицијата која сега се нарекува ЕСП. Ова го правиме со цел да имаме подобра европска иднина“, вели Фатмир Меџити.
Од Движењето Беса велат дека начелно има политичка согласност, но не и договор меѓу партиите.
„Не можеме да кажеме дека има договор, но начелно има согласност. Во текот на неделава или кон крајот на неделата ќе бидете запознаени со детали“, порача Аљби Ќамили.
Детали околу средбата побаравме и од Алтернатива. Од таму ни рекоа дека на средбата станало збор за политичките случувања и нови можности за соработка, со цел унапредување на положбата на Албанците во Македонија.
Од Кабинетот на косовскиот премиер, Курти синоќа соопштија дека на средбата се разговарало за социјалната и економската состојба на Албанците во Македонија, потребата од демократија и стабилност, додека четворицата лидери на политичките партии го презентирале својот предлог – следниот Претседател на Северна Македонија да биде од редовите на Албанците
Извори на ТВ21 од средбата, велат дека Таравари, Касами, Меџити и Гаши дале предлог „овојпат Претседателот да биде Албанец“. Извори од оваа коалиција велат дека нивниот кандидат за шеф на државата би собрал дел од граѓанскиот сектор. Доколку ЕСП излезе со кандидат за Претседател, во тој случај се шпекулира дека со свој кандидат би излегла и ДУИ, а ваквата состојба воопшто не би ѝ одела во полза на СДСМ, која за претседателските избори ја очекува поддршката на ДУИ.
