Иако претпријатието „Комунална хигиена“ не го собира отпадот на терен, жителите на трите тетовски села – Једоарце, Сотоле и Отуње – редовно добиваат сметки од оваа институција. Во овие села живеат многу малку луѓе, бидејќи поголемиот дел се преселени во град. Сепак, тие се принудени да плаќаат за услуги кои не ги добиваат, само затоа што имаат имот во овие населени места. Жителите велат дека досега никој не се заинтересирал да разговара со нив за овој проблем. Во меѓувреме, многумина од нив натрупале долгови, а дел завршиле кај извршител поради неплаќање на сметките.
„Ниту контејнер има, ниту некој дошол овде да собира. Во овие села – Једоарце, Отуње и Сотоле – жители има само за време на викенд. Во текот на неделата доаѓаат еднаш, двапати или трипати, и сите тие плаќаат таму каде што живеат. За сметот никој не дошол да ни каже дека треба да плаќаме, ниту да нè праша како да се организира поставување на контејнер. Видов документ каде што пишува дека советниците донеле одлука не само за овие, туку и за други села да се плаќа. Нека кажат кои се тие советници што решиле да плаќаме за нешто што не ни се нуди“, изјави Снежана Стојановска, жителка на Једоарце.
„Сметки за отпад ни стигнуваат, а отпадот не го собираат. Ние го носиме во Тетово. Таму живееме, а овде сме само за викенд и таму плаќаме за сè – и за смет и за вода. Нема потреба да плаќаме и овде и таму. А сметки ни доаѓаат и овде и во Тетово, а јас мислам дека нема потреба“, изјави Васка Бојаческа, жителка на Сотоле.
„Во Сотоле сметка стигнува, но не на сите. Само на тие што ги имаат легализирано куќите. Јас сум еден од тие што ја легализирал куќата и добивам сметка иако не гледам никаде контејнер за отпад, ниту доаѓа некој да се интересира. Сметките стигнуваат, а слушам дека ги носат на суд, кај извршител, а немаме никаква помош од нив. Ние отпадот сами го носиме во Тетово“, вели Лупче Трифуновски, жител на Сотоле.
„Конкретно во Једоарце нема ни контејнер, ни некоја кеса за да може комуналното претпријатие организирано да го собира и носи таму каде што треба. А ние, кога ќе заврши викендот, сами го собираме отпадот и го носиме во град и таму го фрламе, каде што и живееме“, вели Ѓоко Серафимовски жител на Једоарце.
Адвокатот Ѓоко Серафимовски вели дека сите жители го повикуваат за советување. Според него, страните треба да имаат индивидуален договор со компанијата која ги врши услугите.
„На сите им кажав да потпишат приговор кој ќе го достават кај нотар за истиот да оди на суд и да се отвори постапка. Давaњето услуги, според законот за јавни услуги, е формален договор. Мора да има две страни кои се согласуваат за одредена услуга, а другата страна да плати. Во овие три села, но и во Тетово, комуналното претпријатие нема склучено договор за вршење услуга. Ова е исто како да плаќате интернет, а интернет да немате“, вели Ѓоко Серафимовски – Једоарце.
Од компанијата „Саубермашер“ велат дека поставиле контејнер во селото Џепчиште и дека за тоа имаат договор со жителите.
„Нашата компанија ги извести сите жители, и со дел од нив се одржаа индивидуални средби и се договоривме дека собирањето на отпадот од овој регион се врши со контејнерите со капацитет од 1,1 м³ поставени во долниот дел од патот за селото Џепчиште. Сите жители го фрлаат отпадот на оваа локација, а доказ за тоа се и собраните количини отпад од соодветните места“, велат од компанијата „Саубермашер“.
На почетокот на 2024 година, Општина Тетово склучи договор со компанијата „Саубермахер“, со што се измени и методологијата на наплата. Оттогаш, некои граѓани беа испратени кај нотар поради неплатени сметки, додека самите граѓани се жалеа дека воопшто не добивале сметки.
