Повеќето граѓани кои ги сретнавме денеска во центарот на Скопје носеа маски. По најавата на министерот за здравство, Венко Филипче за забрзување на одлуката за казни за оние кои не носат маски, како што се чини граѓаните станаа свесни за ситуацијата. Дел од граѓаните што ги прашавме се убедени дека треба да се почитуваат мерките, додавајќи дека сега веќе можат да најдат маски во аптеки.
Од денеска почна и етапната исплата на пензиите на шалтерите на банките, според висината на пензијата. Беа забележани долги редици на пензионери кои чекаа, но ги почитуваа мерките.
Согласно новата владина одлука со законска сила, постојат неколку исклучоци кога не мора да се носи маска односно кога возите велосипед, кога спортувате на отворено како индивидуални спортски активности или кога се движите на јавни места и целосно го одржувате дозволеното растојание од најмалку два метри од друго лице. Не е задолжително носење маска и кога седите во двор или кога возите мотор. Експертите од областа на инфективни болести, велат дека со заштитата на устата или носот се намалува можноста носителот на вирусот да зарази друго лице. Казната за неносење маска изнесува 20 евра.
